Пауло Фонсека и официјално си замина од клупата на Лил, со што веќе нема никаква пречка за португалскиот стручњак да застане на чело на Милан, по успешните преговори на двете страни во изминатиот период.
Легендарниот голгетер на Милан, Андриј Шевченко, во изјава за „Газета дело спорт“ имаше само пофални зборови за овој стручњак.
„Не можам да говорам конкретно дури не е официјално, но верувам дека Фонсека би можел да му донесе добри работи на Милан. Она што го знам со сигурност, Пауло работеше многу добро во Украина, остави длабока трага врз фудбалот во нашата земја. Тој е компетентен фудбалски стратег, сериозна личност. Сепак, одлуката за нов тренер треба да ја донесат челниците на Милан“, изјави Шевченко.
Според него, клучно за „росонерите“ во текот на летниот преоден рок ќе биде да се доведе нов врвен голгетер, класична „деветка“ во тимот.
„Сега кога Жиру си замина, тоа е единствено логично решение – приоритет да биде нов класичен голгетер, тоа е многу важна работа за Милан летово. Нема да биде лесно да се најде замена, но Милан ќе мора да го стори тоа, да донесе играч од кој ќе има загарантирано најмалку 16-17 гола по сезона. Го следев овој тим минатата сезона, проблем на долги периоди беше токму неефиканоста на офанзивните фудбалери, тоа мора да се поправи“, порача Андриј Шевченко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА