Украина има искуство во организација на светски и европски првенства и има интерес да биде домаќин на Суперкупот на УЕФА во 2024 или 2025 година.
Ова го соопшти денеска претседателот на Украина Владимир Зеленски на средбата со претседателот на УЕФА Александар Чеферин, пренесува ТАСС.
„Украина е заинтересирана да биде домаќин на Суперкупот на УЕФА во 2024 или 2025 година. Украинската фудбалска асоцијација исто така размислува да аплицира за домаќин на Европското првенство во фудбал за жени во 2025 година, Европско првенство во фудбал на плажа за мажи, Европско првенство за играчи до 21 година, Европско првенство за играчи до 17 години, Европско првенство во футсал и финале во Лигата на конференциите“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина го увери Чеферин дека украинската влада, и покрај одредени потешкотии, прави се што е можно за развој на физичката култура и спортот во земјата. Зеленски рече дека во 2022 година ќе започне изградбата на Националната тренинг база за националните фудбалски тимови на Украина – „ултрамодерен комплекс, во кој ќе може да се тренираат и машки и женски репрезентации, како и детски и младински тимови“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА