Земјотрес во Хајдук: Ракитиќ најави заминување на четири дена пред клучниот меч за титулата

Хајдук влезе во серија слаби резултати, освои само еден бод во последните три кола и си ја искомпликува трката за титулата, а на неколку дена пред големото дерби со Динамо Загреб навивачите на сплитскиот клуб се соочија со нов шок, откако Иван Ракитиќ најави дека очекува летово да си замине од „Пољуд“.

Потписот на поранешниот ас на Барселона беше еуфорично дочекан во Сплит, факт е дека Ракитиќ со игрите не се наметна онака како што многумина очекуваа, но тајмингот на четири дена пред вечното дерби за титулата да се најави заминување е големо промашување.

Тој во разговор за „Марка“ обелодени дека сонува од фудбалот да се збогува во Севилја, клубот каде што ја лансираше фантастичната кариера.

„Го гледав финалето, Барса го освои Копа дел реј со победа над Реал во мојата Севилја. Се ми се поклопи, славје на Барса во мојот град. Јас така ја нарекувам Севилја, бидејќи каде и да одам, кога ќе ме прашат од каде сум, јас велам од Севилја. Се надевам дека ќе ме повикаат, сите во клубот го имаат мојот телефонски број. Не ми преостана уште многу во кариерата, а сите знаат колку го сакам тој клуб, тој град. Подготвен сум да се вратам, секогаш сум достапен за Севилја, се надевам дека претседателот ќе ме повика, јас ќе бидам подготвен“, изјави Ракитиќ.

Се вчитува...