Здружението на тенисери (ПТПА), основано од Новак Ѓоковиќ, покрена правна постапка против управните тениски тела. Документите беа поднесени во Окружниот суд на САД во Њујорк.
Во тужбата на 163 страници, меѓу другото, се вели дека „професионалните тенисери се заробени во наместена игра“ што им дава „ограничена контрола врз нивните сопствени кариери и брендови“.
Се критикува распоредот, системот на рангирање и контролата што постои кога е во прашање имиџот на играчите. Жалбата беше поднесена од ПТПА и 12 тенисери, меѓу кои и Ѓоковиќ, неговиот ко-основачки партнер Васек Поспишил и Ник Кирјос – „во име на целата играчка популација“.
Со тужбата се бара крај на „монополската контрола“ на тениската турнеја, како и финансиска компензација од АТП, ВТА, ИТФ и ИТИА.
ПТПА верува дека раководните тела функционираат како картел со тоа што склучуваат договори со турнири кои ги ограничуваат наградните фондови и ги спречуваат потенцијалните конкуренти да влезат на пазарот.
Тие сметаат дека распоредот е неодржлив, трае 11 месеци во годината, попатно барајќи од играчите да играат на преголема топлина или во раните утрински часови.
Поради ова, играчите страдаат од сериозни повреди на зглобот, лактот и рамото бидејќи топките се менуваат во текот на сезоната.
АТП годинава организира 60 настани во 29 земји. АТП тврди дека поделила 241,6 милиони долари на играчите во 2023 година. ВТА оваа сезона нуди 51 турнир во 26 земји. Се истакнува дека во 2024 година на тенисерите им исплатила 221 милион долари.
Играчите често се жалеа дека не добиваат доволно висок процент од приходите што ги генерира спортот, поради што ПТПА е создаден во 2020 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА