Зенит, гигантот кој летово од шега си потроши 70 милиони евра, прва пречка на Вардар

Македонскиот првак Вардар в четврток ќе почне да го живее сонот во Лигата на Европа, a прва пречка пред домашната публика ќе биде рускиот гигант Зенит, предводен од Роберто Манчини. Клубот од Санкт Петербург е фаворит во оваа група, особено што италијанскиот стратег направи револуција во тимот за краток период. Доведе неколку аргентински фудбалери и неколку играчи на вицешампионот од сезоната 2015/2016, екипата на Ростов, па така Манчини направи стабилен состав кој се уште не знае за пораз во руското првенство.

stadionzenit
„Крестовски“ стадионот е изграден оваа година, ќе се употребува за Светското првенство во 2018 година, а собира вкупно 64,287 гледачи

Сепак, во квалификациите доживеаја неколку изненадувања. Прво на домашен терен Зенит го загуби реванш мечот со 1-0 од Бен Јехуда откако триумфираше во Израел со резултат од 2-0 во рамките од третото квалификациско коло. Во плејофот, рускиот претставник се соочи со нов шок, Утрехт успеа да ги совлада по првиот меч со минимални 1-0, но Андреј Кокорин не дозволи изненадување во реваншот, па со два гола, од кои вториот беше во продолжението, им обезбеди пласман во групата Л, каде се наоѓа и нашиот шампион Вардар.

За повеќето фанови на Зенит, нивната европска историја започна пред речиси една декада, поточно во 2008 година кога го подигнаа пехарот од ова натпреварување, а нивен противник во финалето беше шкотскиот клуб Глазгов Ренџерс. Со доаѓањето на мултимилионската инвестиција од „Газпром“, клубот си обезбеди перманентно место меѓу елитата во Русија, па така фановите на овој клуб уживаа во фудбалските магии на ѕвезди како Хулк, Аксел Витсел, Езекиел Гарај. Но, тие веќе не се дел од Зенит.

mancini zenit 2

Италијанскиот стратег Роберто Манчини на „жешкото столче“ пристигна ова лето, со цел да состави тим кој повторно ќе конкурира во европските натреварувања, не само во руското првенство. Манчини го наследи Мирчеа Луческу, откако тимот со романскиот стратег не успеа да се пласираа во групната фаза од Лигата на шампионите.

Италијанецот веднаш остави свој белег во тимот, летово пристигнаа дури 11 нови фудбалери, а вкупната потрошена сума изнесува 68,5 милиони евра. Најзвучните имиња се аргентинските фудбалери, Леандро Паредес,  кој ја напушти Рома за сума од 23 милиони евра и е еден од лидерите на тимот, а по него пристигнаа и Емануел Мамана од Лион и Себастијан Дриуси од Ривер Плата, за сума од 16, односно 15 милиони евра. Засега импресивни партии имаше и засилувањето од Амкат Грозни, Далер Кузиаев, кој се наметна во стартниот состав и ја оправда довербата од својот тренер со три гола и една асистенција по првите 9 меча во руската Прва лига. Враќањето на формата на Андреј Кокорин е исто така заслуга на Манчини, кој важи за еден од најдобрите голгетери во Русија.

1517240_w2
Со резултат од 2-0, Зенит го совлада Глазгов Ренџерс во финалето и за првпат го освои трофејот од Купот на УЕФА

Во последниве неколку сезони Зенит не е доследен на предизвикот во европските купови, во споредба со успехот кој го оствари во 2008 година кога напреварувањето се водеше како Куп на УЕФА. Пред три сезони стигнаа до четвртфиналната фаза во Лигата на Европа, а минатата сезона по пет победи од шест меча во групната фаза од истото наптреварување,  се соочи со елиминација од Андерлехт во нокаут фазата.

Најсилен состав: Лунев, Смолников, Ивановиќ, Мамана, Кришито, Паредес, Кузиаев, Шатов, Дриуси, Ригони, Кокорин.

Се вчитува...