Рускиот прволигаш Зенит е сериозно заинтересиран за услугите на Илија Несторовски, а голема е веројтноста дека трансферот ќе се реализира во јули откако Палермо ја одби зимската понуда на овој европски гигант. Како причина се наведува и желбата на самиот македонски ас да остане во Палермо и да помогне овој тим експресно да се врати во Серија А, но како што стојат работите сицилијанскиот клуб ќе настојува по завршувањето на сезонава да го продаде Нестор-гол и да заработи од неговиот трансфер.
Првиот човек на Палермо, Маурицио Зампарини, обелодени дека последниот ден од преодниот рок бил многу интересен поради неколкуте понуди што ги добил токму за Несторовски. Во игра бил францускиот прволигаш Ница, потоа англискиот премиерлигаш Вест хем, но убедливо најинтересна била понудата на Зенит, во висина меѓу 15 и 20 милиони евра.
Сицилијанците ја одбиле понудата, но и кај двата клуба постои расположение повторно да се седне на маса и да се дискутира за летен трансфер за слична висина на отштетата. Финансиските услови што ги нуди Зенит и за самиот Несторовски се далеку подобри од оние на останатите европски клубови, па многу лесно може да се случи Македонецот од јули да го гледаме како предводник на нападот на тимот од Санкт Петербург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА