Згасна надежта за ЕП на младата репрезентација: Полска со еден гол до три бода од Битола (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија до 21 година го претрпе и петтиот пораз во шестиот квалификациски меч за ЕП 2027 година во Србија и Албанија. Денеска со три бода од Битола си заминува и селекцијата на Полска која триумфираше минимално со 0-1, и која дојде и до шестиот триумф, и се зацврсти на првата позиција на табелата.

На тешкиот терен на „Петар Милошевски“ во Битола, избраниците на Горан Станиќ не упатија ниту еден директен удар кон голот на Полјаците во текот на сите 90 минути. И покрај тоа што Полска беше надмоќна во поседот на топката и во сите параметри, сепак, и тие не создадоа којзнае колкав број на шанси. Беа подобри во првиот дел, кога можеа да водат и поубедливо, но тешкиот терен не им дозволуваше да се истакнат со уште некој погодок.

Полјаците во првиот дел веднаш почнаа да се закануваат, па првата шанса ја имаа уште во 3. минута. Притискаше Полска, и како резултат на тоа дојде голот во 33. минута. Нафрлена топка од Драхал, а Коцаба со глава го совлада Василев за предност.

Во второто полувреме дождот беше се посилен, па така се играше главно на средината на теренот. Дека Полска е блиску до победа беше јасно и во моментот во 78. минута од средбата, кога Адријан Димески доби втор жолт картон, па Полјаците имаа играч повеќе на теренот и предност. Новак во 91. минута имаше шанса да зголеми на 0-2, меѓутоа Василев остана на место и успеа да одбрани.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...