Реал Мадрид ќе ја нема предноста на домашен терен во четвртфиналната серија од Евролигата, откако Жалгирис со неочекуваната победа над Олимпијакос ги замрси сметките на „кралевите“. Литванскиот првак во драматичен меч по продолжение славеше во Атина со 85-86, враќајќи се од „минус 16“ за фантастична победа. Жалгирис без оглед на победата остана на шестата позиција, Олимпијакос остана третопласиран, но во целата ситуација најлошо мина Реал, бидејќи се создаде круг од три екипи со идентичен скор (Олимпијакос, Панатинаикос и Реал Мадрид) од кои „кралевите“ имаа најлош резултат во меѓусебните дуели и паднаа на петтата позиција.
Победата над Брозе баскет вечерва од 106-86 беше доволна само за избегнување на шестото место и пресметки со Олимпијакос, па веќе нема дилеми дека Панатинаикос ќе биде ривалот на „кралевите“ во четвртфиналето, со тоа што „зелените“ од Атина ќе играат натпревар повеќе пред своите гледачи.
Во останатите четвртфинални серии од Евролигата ќе се сретнат ЦСКА Москва – Химки, Фенербахче – Басконија и Олимпијакос – Жалгирис. Само за потсетување, фајналфор турнирот од елитното европско натпреварување годинава ќе се игра во Белград.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА