Шампионот на Литванија, Жалгирис побара од македонскиот шампион Струга ТЛ промена на домаќинствата во 1. коло од квалификациите за Лигата на шампионите поради НАТО самит во Вилнус во истиот термин кога треба да се одигра натпреварот меѓу двете екипи.
Жалгирис на 11/12. јули треба да биде домаќин на Струга ТЛ во Вилнус, а токму истите два дена во главниот град на Литванија се одржува и НАТО самитот. Поради тоа Литванците испратиле официјален допис до Струга ТЛ, барајќи во првиот меч тие да гостуваат во Македонија а потоа реваншот во Литванија да биде на 18/19. јули.
Литванците сметаат дека ќе има сериозни проблеми и околу сместувачките капацитети во градот, но и околу евентуално присуство на гостински навивачи, поради што бараат промена на терминот.
Сепак, од редовите на македонскиот шампион, како што дознаваме, сметаат дека нема потреба од промена на домаќинствата. Се уште нема официјален одговор со Жалгирис, но се очекува термините и домаќинствата да останат согласно првичната ждрепка во УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА