Жалгирис уште на стартот го урна сонот на Струга ТЛ за ЛШ

Македонскиот фудбалски шампион Струга Трим и Лум доживеа елиминација во квалификациите од Лигата на шампионите откако во воведното коло во реваншот загуби на домашен терен од литванскиот шампион Жалгирис со 1-2.

Како и на првиот натпревар одигран пред седум дена во Литванија, повторно се играше тврдо на двете страни во првите 45 минути.

Иако поседот на топката беше на страна на гостинот, Струга Трим и Лум ја имаше иницијативата во првите половина час и имаше неколку полушанси кои сепак не резултираа со погодок. Првата поубава шанса гостите ја имаа во 38. минута кога од десетина метри биеше Ојевуси, но одлично интервенираше Ќосевски, а истиот голман и во судиското надополнување повторно го спасуваше македонскиот шампион по шутот на Антал.До крајот мируваа мрежите и трето полувреме во низа резултатот остана 0-0.

Во вториот дел Стружани веднаш ја имаа првата шанса во 47. минута, но ударот на Бесарт Ибраими од 16 метри успешно го скроти гостинскиот голман. Бесарт Ибраимиво 55. минута по еден карамбол ја имаше шансата на мечот, но од пет метри биеше непрецизно над голот на гостите. Конечно среќата ги посака Стружани во 73. минута кога Радески беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник, а пеналот успешно го реализираше Ибраими во 76. минута за водство од 1-0.

И додека чекавме скоро два натпревари за погодок, по водечкиот на Струга за Ибраими, гостите веднаш возвратија и израмнија на 1-1 со голот на Кендиш во 78. минута. Сите надежи околу продолжување на летото во Лигата на шампионите ги урна автоголот на Радиќ во 84. минута кој донесе победа за Литванците од 1-2 и пласман во следното коло.

Се вчитува...