Уште едно тажно европско лето за македонските клубови, без разлика како во продолжение ќе заврши и епизодата на Струга ТЛ во Конференциската лига на УЕФА. Сликата за македонскиот клупски фудбал, чија ‘тежина’ единствено може да се почувствува токму преку настапите во Европа и компарацијата со останатите, е повеќе од жална.
Како никогаш досега, сите македонски претставници на европската сцена се елиминирани уште во првото квалификациско коло. Од вкупно шест одиграни натпревари, запишани се пет порази и само една победа, со вкупна гол-разлика на македонските екипи од 8-15. Сето тоа повеќе од доволно зборува, за жал, за начинот на кој се водат домашните клубови и недостатокот на вистинска визија во менаџирањето со истите, што според струката, е клучниот проблем за вака ниското ниво.
„Најголемиот проблем на македонскиот клупски фудбал е менаџментот на клубовите. Се работи без визија, со истите непроменети размислувања околу тоа како треба да се води еден клуб од пред 30 години. Нема следење на европските текови, нема инвестиција во младинските тимови, нема поддршка и промоција на македонските фудбалери, но само она наједноставното купување потпросечни фудбалери од странство кои не носат ништо добро ниту за самите клубови ниту генерално за македонскиот фудбал. Клубовите се базата и на националните тимови. А, од каде репрезентациите, од кои бараме и очекуваме успеси, ќе го црпат квалитетот кога клупскиот фудбал е на вака ниско ниво“ – е ставот на домашните фудбалски аналитичари според кои основна определба ако сакаме заздравување на фудбалот е вистински лица на чело на клубовите кои знаат што значи европски фудбал.
А, токму Европа секое лето ни го покажува нивото на кое се наоѓа домашниот клупски фудбал. За македонските клубови веќе недостижни се и екипи од Ерменија, Летонија, Молдавија, Исланд, С. Ирска, Косово…. Шкендија и Тиквеш експресно го завршија својот европски настап и тоа во најслабото европско клупско натпреварување – Конференциската лига (Македонија од минатата сезона нема место во Лигата на Европа). А сосема идентично ќе беше и со шампионот Струга ТЛ, доколку не беше системот на УЕФА кој, овозможувајќи некаква шанса плус за послабите, ги трасира елиминираните во следната рунда натпревари во Конференциската лига.
И, така до следното лето… А, до тогаш враќање на домашната фудбалска сцена на која сите се повеќе од гласни во одбрана на своето. И за сите евентуални неуспеси на домашната сцена, секако, како по обичај, виновни се судиите… И ФФМ!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА