Жарко Пешевски е најновиот ракометар што се решава за разделба од Металург, како потврда за сериозните финансиски проблеми со кои се соочува актуелниот вицешампион. Турскиот првак Бешикташ е новиот клуб на големиот борец, кој по бројните сезони како член на Металург се реши за интернационална кариера, одбивајќи ги понудите на неколкуте домашни заинтересирани екипи за неговите услуги.
Бешикташ, во чии редови настапува и Немања Прибак, повторно стигна до титулата во турското првенство, така што Пешевски и во следната сезона ќе биде дел од ракометната Лига на шампиони.
Само за потсетување, на средина од оваа сезона Металург го продаде својот капитен Филип Талески во Некар Левен, по што беше објавено и дека српскиот интернационалец Немања Обрадовиќ ќе се пресели во Висла Плоцк. Во меѓувреме неизвесен е и статусот на Никола Костески, додека Филип Кузмановски има интересни понуди од квалитетни клубови ширум Европа.
Ако на ова се додаде дека Лино Червар речиси сигурно ќе го напушти кормилото на клубот (Гобац веќе му порача дека по јуни „нема да може да седи на две столчиња), тогаш е јасно зошто иднината на Металург, барем онаков каков што го знаеме во последните десетина години, е крајно неизвесна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА