Ждребот во МКФ одложен – маневар за камбек на Шкупи?!

Новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија ќе стартува на почетокот од следниот месец, а за денеска беше закажан ждребот за календарот за натпреварување. МКФ веќе објави дека лигата ќе брои десет клубови, но според последните информации одложениот ждреб е само обид во последен момент да се најде начин во елитното друштво да биде вратен тимот на Шкупи.

Клубот од скопската населба Чаир лани беше дел од елитата, но не ги испочитува двата рока дадени од МКФ за плаќање на котизацијата, по што и дефинитивно го загуби правото да биде дел од Првата лига. Ситуацијата во меѓувреме се промени, Шкупи најде спонзор, сега е подготвен да ја плати предвидената сума, но проблем е што веќе е утврдено дека во Првата лига ќе учествуваат десет клуба, чиј распоред на натпревари требаше да биде утврден денеска.

Ставот на МКФ останува ист, лигата да не се проширува, но сепак не се затвора целосно вратата за камбек на Шкупи бидејќи согласно правилата постои можност за овој клуб да биде дел од елитното друштво.

„Првенството ќе биде со 10 екипи. Кошаркарската федерација не отстапува од тоа. За да има евентуално проширување, клубот кандидат треба да собере согласност од сите останати 10 екипи, а ваквата одлука треба да помине и на седница на Управниот Одбор“ – вели генералната секретарка на МКФ, Моника Гавриловска.

Денешниот ждреб е презакажан за среда, така што скопскиот клуб ќе има 48 часа за маневар, да се обиде да ги исполни условите и да издејствува камбек кај останатите прволигаши, а потоа и кај Управниот Одбор. Раководството на МКФ лани направи преседан кога во „пет до дванаесет“ реши да ја прошири лигата на 12 клубови, иако беше јасно како ден дека тоа не може да донесе ништо добро. Сега кога е решено повторно елитното друштво да брои десет клубови, останува да се види дали во „куќата на кошарката“ повторно во „пет до дванаесет“ ќе го променат сопствениот став, или ќе останат цврсто зад правилата што самите ги утврдија пред неполни два месеци.

Се вчитува...