Веќе нема никакви дилеми, новото натпреварување на УЕФА, Лигата на Нации, ќе стартува во 2018 година, а извлекувањето на групите веќе е закажано за 24 јануари во Лозана. Новото натпреварување беше изгласано од Конгресот на УЕФА, а во изминатиот период европската куќа на фудбалот бараше разгледување и евентуални сугестии од федерациите. Откако мина и тој период, беше официјално објавено дека Лигата на Нации ќе почне во текот на наредната година, според претходно предвидениот формат на натпреварување.
Во ова натпреварување, кое ќе се игра во термините предвидени за пријателски натпревари, ќе учествуваат 55 репрезентации од Европа, поделени согласно коефициентот на УЕФА:
- Во групата А ќе се најдат 12 репрезентации, поделени во четири подгрупи од по три селекции.
- Во групата Б ќе се најдат 12 репрезентации, поделени во четири подгрупи од по три селекции.
- Во групата Ц ќе се најдат 15 репрезентации, поделени во една подгрупа од три селекции и три подгрупи со по четири селекции.
- Во групата Д ќе се најдат 16 репрезентации, поделени во четири подгрупи од по четири селекции.
Четирите победници од секоја подгрупа потоа ќе се натпреваруваат на завршен „фајналфор“ турнир што ќе се одржи во јуни 2019, по теркот на фајналфор натпреварувањата во кошарка и во ракомет. Победниците од четирите фајналфор турнири (од групите А, Б, Ц и Д) обезбедуваат директно учество на ЕП 2020.
Официјалниот изглед на групите ќе бидат познат по завршувањето на октомвриските квалификациски натпревари, но веќе е јасно дека Македонија ќе биде дел од групата Д. Ривали на нашиот национален тим ќе бидат селекции како Литванија, Грузија, Ерменија, Белорусија, Луксембург, Молдавија, Казахстан, Косово, Сан Марино… па јасно е дека нашите фудбалери ќе имаат реални шанси барем за првото место во својата група, со што би се избориле за пласман на фајналфор натпреварување и битка за учество на едно Европско Првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА