Ждрепка за КЛ: Вардар го чека пат во Швајцарија, Силекс со Рапид Виена

Македонските тимови немаа многу среќа при денешната ждрепка за втората рунда од Конференциската Лига на УЕФА, при што Вардар, Силекс и Работнички сите добија квалитетни ривали доколку успеат да ги минат првите пречки во ова европско натпреварување.

Вардар важи за фаворит во првото коло против Ла Фиорита од Сан Марино, а „црвено-црните“ доколку се пласираат во следната рунда, таму ќе имаат далеку потежок предизвик – дуел со швајцарскиот прволигаш Лозана, екипа што го освои петтото место во ланската сезона од швајцарскиот шампионат.

Силекс за противник во првата рунда го има тимот на Дечиќ од Црна Гора, а доколку кратовци успеат да ја минат првата пречка во втората рунда ги очекува далеку поголем предизвик – двомеч со Рапид Виена.

Работнички пак доколку успее да го елиминира Торпедо од Белорусија, за ривал во следната рунда ќе го има израелски Макаби Хаифа.

Воедно, извлечени беа и двојките од „патот на шампионите“, со што Шкендија го доби својот противник во Конференциската лига доколку македонскиот првак не успее да го мине тимот на ТНС во првото квалификациско коло од ЛШ. Во тој случај, тетовци се селат во конренциската лига, каде за противник ќе го имаат поразениот од двомечот меѓу Дрита од Косово и Диферанж од Луксембург.

Се вчитува...