Балканските селекции Хрватска и Србија ќе бидат во повеќе од интересни групи на Светското првенство 2022 кое во ноември ќе се игра во Катар.
Србија, интересно, е во безмалку идентична група како и на Светското првенство 2018 заедно со Бразил и со Швајцарија со кои беше во иста група и пред четири години во Русија, а сега само дополнети и со Камерун. Пред четири години Бразил го освои првото место во групата со 7 бода, Швајцарците беа втори со 5 бода, а Србија со една победа, над Костарика, не успеа да се пласира во вториот круг од натпреварите на Мундијалот.
Хрватска е во Групата Ф заедно со Белгија, Мароко кој е предводен од Вахид Халилхоџиќ, и со Канада.
Едни од петте најдобри светски селекции, Шпанија и Германија ќе бидат заедно во Групата Е, заедно и со Јапонија и победникот од баражот меѓу Костарика и Нов Зеланд.
Португалија, која во финалето од мундијалскиот бараж ја победи Македонија, ќе биде во, се чини, лесна група со Јужна Кореја, Уругвај и Гана.
Извлекувањето на групите пред околу 2.000 гости во Доха беше реализирано со помош и на легендарните фудбалски имиња Бразилецот Кафу, Германецот Лотар Матеус, Иранецот Али Даеи, славниот Бор Милутиновиќ, но и Тим Кејхил од Австралија и Џеј-џеј Окоча од Нигерија. А, трофејот за светскиот шампион на сцената претходно го донесе францускиот селектор Дидие Дешамп.
Бранител на титулата од Русија 2018 година е Франција. Пред четири години среброто го освои Хрватска а бронзата Белгија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА