Ждрепката за групите на Светското првенство 2026 кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, е вечерва од 18 часот во Вашингтон. Титулата светски шампион ќе ја брани репрезентацијата на Аргентина.
И Македонија ја очекува денешната ждрепка и евентуалната своја група на Мундијалот, доколку успее да го мине плеј-оф баражот закажан за март следната година и дуелите со Данска, и потоа со Чешка или со Р. Ирска.
Ждрепката ќе стартува со извлекување на екипите од првиот шешир. Како домаќини, Мексико (зелена топка) ќе биде во Групата А, Канада (црвена топка) во Групата Б, а САД (сина топка) во Групата Д. Според правилата, тимови од иста конфедерација не можат да бидат во иста група, со исклучок на Европа (УЕФА). Секоја група мора да има најмалку една, а најмногу две европски репрезентации.
Според распределбата на шеширите, сите селекции кои ќе се пласираат преку плеј-офот ќе бидат во последниот четври шешир, каде ќе биде и Македонија.
Ждрепката, првпат, ќе биде и согласно ждребот на тениските турнири. А, тоа е дека првите четири носители во ждрепката за Мундијалот, односно четирите најдобри репрезентации на ФИФА ранг-листа, ќе бидат распоредени така што нема да можат да се сретнат пред полуфиналето. Ова значи дека Шпанија (прв носител) и Аргентина (втор носител) ќе бидат во спротивни половини од костурот во 1/16-финалето, а Франција (трет носител) ќе биде во првата половина од костурот, додека Англија (четвртиот носител) во втората половина. Секако, ова ќе се случи под услов сите четири репрезентации да завршат први во своите групи.
РАСПРЕДЕЛБАТА НА ШЕШИРИТЕ
ПРВ ШЕШИР: САД, Канада, Мексико, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Португалија, Бразил, Холандија, Белгија, Германија.
ВТОР ШЕШИР: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија.
ТРЕТ ШЕШИР: Панама, Норвешка, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Брегот на Слоновата Коска, Тунис, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужноафриканска република.
ЧЕТВРТИ ШЕШИР: Јордан, Зеленортските острови, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, четири победници од европскиот плеј-оф, два победника од интерконтиненталниот плеј-оф.
УТВРДЕН ФОРМАТОТ – РЕКОРДНИ 48 ЗЕМЈИ УЧЕСНИЧКИ И ВКУПНО 104 НАТПРЕВАРИ
ФИФА, пред ждрепката, и дефинитивно го потврди форматот по кој ќе се игра ова првенство кое е историско со дури 48 учесници, притоа и со вкупно 104 предвидени натпревари за играње што е секако огромна бројка. Во периодот од 1998 до 2022 година се натпреваруваа 32 репрезентации, а сега таа бројка е зголемена за плус 16 селекции, со тоа што ќе бидат 12 групи поделени по четири репрезентации.
Согласно веќе утврдениот натпреварувачки систем рвите две репрезентации од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани екипи, ќе се пласираат во 1/16 -финалето. Значи, за прв пат на светските првенства ќе имаме 1/16 финале, што ја зголемува нокаут фазата за уште едно коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

