Ждрепката за СП 2026, сепак, нема да е онлајн – Милевски патува во Цирих на 13 декември

И покрај првичните најави од ФИФА дека ждрепката на квалификациските групи за пласман на Светското првенство 2026 ќе биде онлајн, сепак, Светската куќа на фудбалот одлучи истата да биде одржана со физичко присуство на сите 54 национални европски сојузи во седиштето во Цирих на 13 декември.

Тогаш Македонија ќе ја дознае групата за пласман на СП 2026 кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Во Цирих на 13 декември ќе патува селекторот Благоја Милевски заедно со се уште актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој до закажаното Собрание на 22 декември ја извршува претседателската функција во „Куќата на фудбалот“.

Македонија, како што е познато, првпат во својата историја една квалификациска ждрепка ќе очекува од третиот квалитативен шешир. Па, црвено-жолтите во овие квалификации нема да може за противници да ги добијат селекциите на Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, БиХ, Црна Гора и со Израел, кои исто така се во третиот шешир.

Согласно квалификацискиот систем на УЕФА за европскиот континент, за место на СП 2026 ќе се борат вкупно 54 селекции поделени во 12 групи, од кои победниците ќе се пласираат директно на СП 2026 а преку плеј-офот ќе се одредат уште четири учесници од Европа. Во баражот ќе има место за 12-те второпласирани во квалификациските групи и плус четири репрезентации од 14-те што го освоија првото место во групите од Лигата на нациите а кои не завршиле на првите две позиции во регуларните квалификации. Меѓу нив и Македонија со огромни шанси да се најде во баражот за пласман на СП 2026.

Пред ждрепката на 13 декември познато е дека Македонија ќе се најде во група со пет репрезентации, притоа со две селекции во групата послаборангирани од себе, од пониските шешири. Квалификациските натпревари за Македонија на патот за СП 2026 ќе стартуваат во март следната година.

ШЕШИРИТЕ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026

ШЕШИР 1: Шпанија, Португалија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Данска, Хрватска, Англија, Белгија, Швајцарија, Австрија
ШЕШИР 2: Украина, Турција, Шведска, Велс, Унгарија, Србија, Полска, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Норвешка
ШЕШИР 3: Шкотска, Словенија, Р. Ирска, Албанија, МАКЕДОНИЈА, Грузија, Финска, Исланд, С. Ирска, БиХ, Црна Гора, Израел
ШЕШИР 4: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Летонија, Литванија
ШЕШИР 5: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино

Се вчитува...