Кристијано Роналдо изненади многумина со инсистирањето да му биде дозволено да се пресели во Јувентус, а весникот „Ел Мундо“ открива детали од нарушениот однос меѓу управата на „кралевите“ и португалската суперѕвезда.
„Клучно беше неговото барање клубот да ја плати казната за затаениот данок. Кристијано призна дека е виновен, но сакаше Реал да плати за него, како што Барса стори во случајот на Меси. Исто така, константно бараше поголема плата, не можеше да се помири што како освојувач на последната Златна топка заработува помалку од Меси и од Нејмар. Не е до парите, туку до статусот, до почитта, често пати велеше Роналдо“ – објави „Ел Мундо“.
Меѓу најразочараните од ваквиот однос на Кристијано бил тренерот Зинедин Зидан, кој инсистирал од управата да ги реши недоразбирањата, нешто што не се случи до крајот на сезоната, по што Зизу ги шокираше сите поднесувајќи си оставка од функцијата шеф на стручниот штаб.
„Решете го проблемот со Роналдо како знаете бидејќи само за тоа зборува во соблекувалната и ја урива атмосферата во тимот. Веќе не се поднесува“ – се пожалил Зидан кај Флорентино Перез.
Првиот човек на Реал не го решил проблемот, па летово остана најпрвин без Зидан, а потоа и без Роналдо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА