ЕКИПА во Амстердам,
Роберт Спасовски (ФОТО)
Македонската репрезентација со пораз од 0-3 од Холандија во 3. коло од Групата Ц го заврши својот дебитански настап на едно големо европско репрезентативно натпреварување.
И покрај отворената желба за позитивен резултат на мечот кој значеше и збогум за големиот Горан Пандев од репрезентативниот дрес, Холандија сепак премоќна со тотално доминантно второ полувреме лесно дојде до победата, не дозволувајќи Македонија да го освои првиот историски бод на едно европско првенство.
По мирен почеток на првото полувреме, првата вистинска шанса на мечот ја имаше Александар Трајковски кој во 21. минута со одличен шут од 20 метри го погодува дирекот од голот на Холанѓаните.
Откако тоа не беше реализирано, веќе во 24. минута Депај по еден брз контранапад донесе водство за Холандија. Претходно, се чини, имаше старт за прекршок врз Пандев но по прегледувањето на ВАР, судиите одлучија дека погодокот е регуларен.
Во продолжението, веќе во 27. минута Холандија преку Мален имаше нова 100% шанса, но Димитриевски продолжува со одличните одбрани спречувајќи сигурен погодок на „лалињата“.
Низ првиот дел остануваат забележани и уште два шута од далечина на Александар Трајковски, но за малку непрецизни. Во 41. минута и Муслиу со глава се обиде од одлична позиција по корнерот на Барди, но покрај голот на домашните.
Во второто полувреме Холанѓаните почнаа максимално офанзивно целосно доминирајќи на теренот. Па откако немаше реализација по корнер, откако Тричковски спаси на самата гол линија, веќе во 51. минута Вајналдум погоди по одлична акција на Депај.
Акциите на домашните продолжуваа во континуитет, па веќе во 58. минута нова одлична акција на најдобрите на теренот. Вајналдум не пропушти можност да погоди по одбиената топка од првата одбрана на Димитриевски, за 3-0.
До крајот на мечот, откако веќе се беше јасно, се остана во знакот на последните минути на теренот во репрезентативниот дрес на Горан Пандев. Во 69. минута капитенот беше испратен со овации и заменет од Тихомир Костадинов.
Холанѓаните имаа уште неколку можности на крајот и за поубедлив триумф, но се остана на оние 0-3 за крај на ЕВРО 2020.
ЕУРО 2020 – ГРУПА Ц (3. коло)
МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА 0-3 (0-1)
Јохан Кројф арена во Амстердам. Гледачи: 15.000. Главен судија: Истван Ковач (Романија). Стрелци: Депај 24′, Вајналдум 51′, 58′ (Х).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми (78′ Стојановски), Барди (78′ Николов), Елмас, Пандев (69′ Костадинов), Трајковски (69′ Хасани), Тричковски (56′ Чурлинов)
Селектор: Игор Ангеловски
ХОЛАНДИЈА: Стекеленбург, Де Вриј, Дамфрис, Блинд, Ван Анхолт, Де Јонг (79′ Гакпо), Вајналдум, Гравенберх, Мален, Депај (66′ Вегхорст)
Селектор: Франк Де Бур
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА