Селекторот на Хрватска, Жељко Бабиќ, за медиумите е секогаш интересен лик. Добро е позната неговата играчка и тренерска кариера, верските убедувања и необичните изјави. И додека Хрватска се бори за медал на СП во Франција, хрватските медиуми откриваат уште едни, во јавноста малку познати способности на нивниот селектор. Пред да стане ракометен тренер, Жељко Бабиќ бил успешен продавач на автомобили.
„Како продаваше тој автомобили! Беше најдобар. Нема веќе работници каков што беше Жељко“ – вели во сторијата за хрватскиот портал „24сата“, Жељко Иванчиќ, сопственикот на автосалонот во кој хрватскиот селектор работел како продавач на автомобили.
По враќањето од Италија каде до 2005 година настапуваше за екипата на Грамадуе Секиа, Жељко Бабиќ решил да побара работа надовор од спортот и се јавил на огласот за вработување во автосалонот „Иванчиќ“.
„Веднаш на почетокот ми кажа дека за автомобилите и за продажбата не знае ама баш ништо, но дека има волја и енергија да научи. Ми се допадна тој негов искрен настап и решив да му дадам шанса. Жељко брзо ја оправда довербата. Во краток период ги совлада тајните на работата, работеше одговорно и совесно, некогаш можеби и премногу. Никогаш не го инетерсираше платата, туку само колку автомобили продал. Беше многу оптоварен со исполнувањето на планот, а кога немаше да продаде доволно автомобили, беше нервозен и лут. Нема повеќе такви работници како него“ – открива поранешниот шеф на хрватскиот селектор.
Жељко Бабиќ како што на необичен начин влегол во автомобилскиот бизнис, на необичен начин излегол од автосалонот.
“Еден ден, како гром од ведро небо, Жељко Бабиќ дојде на работа и даде отказ. Во прв момент мислев дека нашол некоја друга работа, но не беше тоа во прашање. Ми рече дека според негово мислење, не постигнува доволно добри резултати и дека поради тоа си заминува. Го гледав во чудо, му реков дека јас сум задоволен од неговата работа и од продажбата, но не успеав да го премислам. И ден денес ми е жал што замина. За него можам да кажам се најдобро и горд сум што работеше кај мене“– вели Иванчиќ.
Во целата приказна, интересен е и крајот. Во последниот месец додека го одработувал отказниот рок, Жељко Бабиќ продал рекорден број автомобили.
„Како да му падна притисокот од грбот, па и продажбата му тргна“ – велат неговите поранешни колеги.
По искуството со продажбата на автомобили, Бабиќ одново му се враќа на ракометот. Од 2007 година тој работи како тренер во Академијата на Ивано Балиќ и Перо Метличиќ во Сплит. Една сезона е тренер на Метковиќ, а потоа извесен период работи како тренер во РК Кршко и потоа во РК Сплит. Првиот посериозен тренерски ангажман Бабиќ го доби во 2013 година кога стана тренер на Мешков Брест. На кормилото на белорускиот тим беше две сезони. Мешков Брест го напушти во 2015 година кога беше назначен за селектор на Хрватска по разрешувањето на Славко Голужа. Со репрезентацијата на Хрватска лани освои „бронза“ на ЕП во Полска, а за „бронза“ ќе игра и денеска против Словенија на СП во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА