Македонската ракометна репрезентација во разигрувањето за пласман од 25. до 32. место на Светското првенство 2023 во Полска, денеска од 18 часот во Плоцк на мегдан со селекцијата на Тунис.
По убедливата победа од 40-25 против Алжир, избраниците на Кире Лазаров се желни и за втор триумф во желбата за подобрување на впечатокот од првата рунда натпревари. Но, и за осигурување на првото место во групата од разигрувањето, по што потоа би играле за 25. место на турнирот.
Јасно е дека во второто коло од Президент Купот, Тунис ќе биде понезгоден противник од Алжир, откако славеше во првото коло против Мароко, но капитенот на македонската селекција Никола Митревски потенцира дека секој во тимот има доволно мотив за атак на нов триумф.
„Секоја победа е важна. Ништо не е неважно кога се настапува на светското првенство, и овие натпревари и тоа како треба да донесат искуство плус за тимот за се што не очекува во иднина“ – вели Митревски.
Во вториот натпревар од групата во Президент купот денеска ќе се соочат и Мароко – Алжир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА