По голема драма, крајно неизвесен натпревар, во финале пред финалето, Вардар славеше против Металург со 31-30 (17-14) во втората полуфинална пресметка од Купот на Македонија кој се игра викендов во Битола.
Првото полувреме, иако низ израмнети минути, мина со контрола на играта и на резултатот на „вардарци“ кои во текот на целиот дел чуваа предност. Еден од клучните моменти на дуелот беше 15. минута кога најдобриот ракометар на „металурзите“, Немања Обрадовиќ, доби црвен картон од судиската двојка Начевски – Николов, па Металург остана значително ослабен во понатамошниот тек од мечот.
Но, недостатокот на Обрадовиќ не се почувствува многу кај „металурзите“ кои одржуваа ритам… Сепак на полувреме Вардар замина со предност од 17-14.
Но, во второто полувреме одличен на голот на Металург беше Дарко Арсиќ а во нападот предводена Кузмановски и Илиќ, па во 39. минута, „металурзите“ дојдоа до предност од 21-23. Во продолжението се играше гол за гол, за да на шест минути до крајот на мечот се дојде до 29-29.
Вардар во второто полувреме конечно поведе на пет минути пред крајот со погодокот на Циндриќ за 30-29. Илиќ на спротивната страна од зицер позиција не успеа да реализира, откако Арпад Штербик го одбрани неговиот удар. И Душебајев не успеа од одлична позиција да донесе зголемена предност за Вардар по одбраната на младиот Томовски.
На две минути пред крајот, Илиќ имаше повторно две можности да израмни, но на голот на Вардар, Штербик во клучните моменти одличен не дозволува израмнување. Сето тоа за приведување кон финишот и минимален триумф на „црвено-црните“ од 31-30.
Вардар утре од 16:30 часот во финалето за титулата во Купот на Македонија ќе игра против Еурофарм Работник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА