Жестока суспензија за стартот за кој се оди во затвор

Фудбалската Асоцијација жестоко го казни голманот на Милвол, Лијам Робертс, за стартот кога со нога во главата го нокаутираше Жан Филип Матета во мечот од осминафиналето од ФА Купот меѓу Кристал Палас и Милвол.

Судијата Оливер не сакаше веднаш да му покаже црвен картон на Робертс иако беше очигледен „старт за во затвор“, тоа го стори дури по прегледување на ВАР-снимката, а челниците на ФА уште пред неколку дена побараа голманот да добие пожестока казна од оние „три меча неиграње“ што вообичаено се доделуваат за директен црвен картон во фудбалска Англија.

Зборовите беа претворени во дела, па денеска беше објавено дека Робертс е суспендиран на следните шест натпревари на Милвол.

„Разочаран сум поради она што се случи, го прифаќам црвениот картон и казната што ми е изречена. Сепак, морам да кажам дека ме разочараа гласините дека намерно сум сакал да го повредам Матета. Тој е мој колега, професионален фудбалер, а јас никогаш не сум стапнал на терен со намера да повредам некого. Во изминатите денови добив бројни навредливи коментари, имаше и закани кон моето семејство, а сакам јавно да им се заблагодарам на сите оние кои ми дадоа поддршка“, изјави суспендираниот голман.

Се вчитува...