Жиру: Бог сакаше да играм за Милан, јас и Златан можеме да бидеме страшен тандем

Оливие Жиру не го крие задоволството што го напушти Челси за да го облече дресот на Милан, клуб кон кој францускиот голгетер негувал симпатии со години наназад.

Тој веќе дебитираше со погодок во дресот на „росонерите“, стрелајќи прецизно на пријателскиот меч со Ница (1-1), но сега со нетрепение го очекува стартот на сезоната и официјалните натпревари за новиот клуб.

„Бог сакаше да играм за Милан. Ова е еден од најголемите клубови во светот, што има сериозен проект во кој јас макимално верувам. Како мал ги гледав натпреварите на Милан со Андриј Шевченко во нападот. Шева подоцна ми стана добар пријател, кого го прашував за совети во кариерата и кој секогаш ми помагаше. За мене е чест што сум овде, признавам дека беше многу емоционално кога требаше да преговарам за трансферот со фудбалска легенда како Паоло Малдини“, изјави Жиру.

Воедно, екс-фудбалерот на Арсенал и Челси со нетрпение очекува да види како ќе се одвива соработката со Златан Ибрахимовиќ, кој се уште се опоравува од незгодната повреда на коленото поради која не настапи на ЕВРО 2020.

„Едвај чекам да ни се приклучи Ибрахимовиќ. Не сум тренер и не можам да говорам за тактичките замисли, но како играч можам да кажам дека секогаш е лесно да се игра крај фудбалереи од светска класа. Можам да се адаптирам со своите квалитети на стилот на игра на Златан, верувам дека јас и тој можеме да бидеме страшен тандем“, оптимистички е расположен Оливие Жиру.

Се вчитува...