Милан денеска слави шампионска титула, извонреден успех на „росонерите“ кои со значително помал буџет од лутите ривали успеаја да се искачат на врвот на италијанскиот фудбал.
„Виновници“ за овој голем успех има многу, но најголем од сите е директорот Паоло Малдини, кој успеа да состави извонредна екипа со лимитиран буџет што тренерот Пиоли ја претвори во „победничка машинерија“.
Уште еден доказ за генијалноста на Малдини е трансферот од минатото лето на Оливие Жиру, кога францускиот голгетер пристигна од Челси за само два милиони евра. Тој требаше да биде резервна опција за Златан Ибрахимовиќ, но во сезона во која Ибракадабра имаше бројни проблеми со повредите, Жиру блесна кога беше најважно.
Двата гола на денешното гостување на Сасуоло на самиот почеток од мечот ги разрешија дилемите околу победникот и освојувачот на титулата, но да не се заборави дека Жиру со два гола го сврте и дербито со Интер, триумф што се покажа клучен во оваа шампионска трка. Ако на ова се додадат и суперзначајните голови против Наполи, Лацио и Рома, јасно е зошто Французинот без никаква конкуренција е „трансфер на сезоната во Калчо-лигата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА