И првиот човек на Алкалоид, сопственикот Живко Мукаетов се огласи по синоќешните настани во СЦ „Борис Трајковски“ и одлуката на грчки АЕК да не го игра реванш-финалниот натпревар во ЕХФ Европскиот куп откако на првиот, на домашен терен, загуби со 25-29.
Мукаетов најпрво искрено се заблагодарува на повеќе од 6.000 навивачи кои вчера дојдоа во најголемиот македонски спортски центар да го бодрат Алкалоид.
„Oгромно БЛАГОДАРАМ од срце на сите кои дојдовте во СЦ Борис Трајковски да го бодрите РК Алкалоид кон историскиот успех. Чесно, праведно, спортски и витешки пристапивме кон ова натпреварување, целосно. И клубот и прекрасната публика синоќа“ – се вели, меѓу другото во благодарноста на Мукаетов до навивачите и поддржувачите на клубот, но и целата домашна спортска јавност.

И првиот човек на Алкалоид верува дека ЕХФ ќе донесе одлука согласно важечките спортски правилници.
„РК Алкалоид ги исполни сите барања на надлежните авторитети во поглед на сите организациски аспекти од синоќешниот настан, кој требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси. Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“ – дополнува Мукаетов во обраќањето до јавноста.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

