Светскиот фудбал остана без уште една легенда откако почина Паоло Роси, легендарниот италијански голгетер кој беше дел од шампионската генерација од СП 1982. Токму тоа Светско првенство ќе остави најголема трага во кариерата на фудбалерот кој го следеа низа скандали.
Роси кариерата ја почна во Комо, а потоа со преминот во Винченца доживеа слава. Тој во сезоната 1975/1976 беше најдобар голгетер во Серија Б, а веќе следната година истото го повтори и во Серија А. Сепак, слабите игри го одведоа клубот во ранг подоле и тоа веднаш после Светското првенство во 1978 година во кое тој беше „сребрена копачка“. Токму таа година почнува вистинскиот пекол за Роси.
Италијанецот е обвинет во еден од најголемите скандали во историјата на фудбалот на Апенините, но и во Европа. Се исплива во 1980 година, кога 30 фудбалери од калчолигата прифатиле пари од двајца бизнисмени да ги местат своите натпревари. Меѓу останатите обвинет е и Роси, а скандалот е наречен „Тотонеро“ (Тотокалчо е нелегален вид на обложување во Италија). Роси тогаш беше член на Милан и дел од мечот кој беше карактеризиран како наместен. Тој март 1980 година полицијата на полувреме на првенствените натпревари влегуваше во соблекувалните и ги апсеше сите фудбалери осомничени за наместени натпревари.
Роси имаше мала улога во целиот скандал, но и покрај тоа беше осуден на три години, што подоцна му беше намалена на две години надвор од фудбалските терени. Целата акција резултираше со исфрлување на Милан и Лацио во Серија Б, а Роси продолжи да тврди дека не е крив. Го пропушти Европското првенство 1980, но ублажувањето на казната доведе до тоа тој да биде дел од репрезентацијата за Мундијалот 1982 и баш тука почнува „холивудската приказна“.
Во првите натпревари на Мундијалот беше непрепознатлив. Едноставно не беше подогтвен по целата голгота, но даваше максимум и тоа се покажа во втората фаза. Италија едвај ја помина групната фаза, а во четвртфиналето на Бразил кој беше прв фаворит на шампионатот постигна хет-трик. Во полуфиналето против Полска даде два гола, а во финалето беше стрелец на голот за победа против Западна Германија. Прогласен е за најдобар фудбалер на шампионатот и најдобар стрелец постигнувајќи шест гола. Тој беше херој на целата нација и сите скандали беа заборавени. Тој кариерата ја заврши во 1987 во дресот на Верона, но вечно остана златното момче на италијанскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА