Жижовиќ: Шкупи заслужи да биде на лидерското место по есента, но пред нас е уште многу битка за титула!

Шкупи со триумф над АП Брера на гостувањето во Струмица го заврши есенскиот дел од сезоната, за втора позиција на табелата и само еден бод зад лидерот Струга ТЛ.

Тренерот Младен Жижовиќ по неговото доаѓање среде сезона на вистински начин го препороди тимот на Шкупи. Па, под негово водство, и покрај лошиот старт на сезоната Шкупи, на крај, се доведе во ситуација за активна битка за титулата.

„На последниот есенски натпревар мислам дека бевме подобри и не дозволивме тимот на АП Брера да создава шанси. Иако се работи за тим со млади фудбалери, тие се навистина со сериозен квалитет и покрај тоа што во последно време немаат добри резултати. Беше фер и коректен натпревар, на кој искористивме добар напад и забележавме победа. Тоа беше многу важен натпревар за нас, знаејќи дека на крајот од есентта сме психички и физички исцрпени од сите аспекти по битката на три фронта од стартот на сезоната“ – вели Жижовиќ и дополнува:

„Но, генерално можам да кажам дека сме задоволни од начинот на кој игравме во текот на оваа фаза откако сум јас тренер, но и претходно, пред да дојдам. Она што го направија нашите момци, со пласманот во полуфиналето на Купот и со феноменалната игра што ја прикажаа во првенството, е за пофалба. Најголемата благодарност оди до нив и во оваа прилика сакам да им се заблагодарам, бидејќи го презедов клубот во за мене еден многу тежок момент. Момците покажаа повеќе од само конкуренција на теренот и желба за победа, бидејќи она што го носат со себе е карактер и во оваа прилика сакам јавно да ви се заблагодарам“.

А, за тоа што го очекува Шкупи во пролетниот дел од сезоната…

„Сега имаме пауза и ќе видиме што ќе се случи, сакам сега само малку одмор и да се донесат одлуки кои ќе бидат најдобри за тимот. Генерално кажано, заслужено освоивме толку бодови, можеби требаше да бидеме на поинаква позиција на табелата, но едноставно тоа што е тука – тука е, ќе се обидеме до крајот максимално сериозно во трката за титулата со екипите на Струга ТЛ и Шкендија кои се три најквалитетни екипи во лигата“ – вели Жижовиќ.

Шкупи под водство на тренерот Жижовиќ има 13 победи, 2 нерешени и само еден пораз. Три од овие победи беа во рамките на Купот.

Се вчитува...