Шпанскиот клуб Атлетико Мадрид официјално го претстави Жоао Феликс, новото огромно засилување за кое плати 126 милиони евра, реализирајќи го петтиот најскап трансфер во историјата. Тој ја доби „седумката“ на Антоан Гризман кој заминува од „Ванда Метрополитано“, а не сака да остане ниту во сенка на сонародникот Кристијано Роналдо, кој долги години беше „кралот“ на Мадрид.
„Зборував со Кристијано Роналдо пред да одлучам да дојдам во Мадрид, но не сакам да бидам ничија ‘копија’ туку да испишам сопствена историја во дресот на Атлетико. Знам дека за мене се платени огромни пари и на тоа не гледам како притисок, туку потврда на моите квалитети. Но, ќе треба допрва да се докажам во Ла Лига и во дресот на Атлетико Мадрид. Ова е голем клуб во кој настапувале врвни фудбалери и мојата желба е да бидам запаметен како Жоао Феликс, момчето од Португалија кое сака да победува“, изјави Жоао Феликс.
19-годишниот офанзивен играч за врска за само една сезона во Бенфика се наметна како еден од најталентираните фудбалери во европскиот фудбал и направи голем трансфер во Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА