„Жолтица“ пред четвртфиналето: Нејмар, Погба, Головин, Ракитиќ…

Јасно е, сите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани за мундијалските четвртфиналиња, но дел од нив ќе треба да бидат повнимателни од останатите, бидејќи евентуален жолт картон ќе значи и автоматска суспензија за полуфиналниот натпревар (доколку нивната селекција слави во четвртфиналето).

Правилата на ФИФА се јасни, картоните се бришат по четвртфиналните пресметки, но тоа се однесува на оние кои имаат по една судиска опомена, за да им се даде поголема слобода во битката за големото финале, додека оние кои во четвртфиналето ќе добијат „парни картони“ автоматски ќе бидат суспендирани за полуфиналето.

Франција на дуелот против Уругвај од оваа причина ќе биде без Блес Матуиди, додека жолт картон на утрешниот меч ќе значи суспензија за Погба, Жиру, Толисо и Павар. Во далеку подобра ситуација се Уругвајците, каде дефанзивците Хименез и Годин не се соочуваат со ваква опасност, а жолт картон има единствено Бентанкур.

Бразил го очекува исклучително тежок дуел против Белгија, а Нејмар ќе мора да внимава бидејќи евентуален жолт картон ќе значи и неиграње во полуфиналето. Истото важи и за Кутињо, кој игра одлично на овој мундијал, како и за Филипе Луис. Само за потсетување, селекторот Тите за мечот против Белгија токму поради суспензија не може да смета на Кашемиро. На спротивната страна, Белгијците ќе настапат комплетни, но Фертонген, Де Бруин и Муние се соочуваат со опасност да не играат во следната рунда, заедно со „резервитите“ Тилеманс и Дендонкер.

Гранквист нема да може да настапи за Шведска на саботниот дуел со Англија, сега со слична опасност се соочуваат и Екдал и Клаесон, додека кај Англичаните на еден меч до суспензија се Хендерсон, Лингард, Вокер и Лофтус-Чик.

Најдобриот руски фудбалер, Александар Головин, ја предводи листата на играчи на „зборнаја“ за кои жолт картон против Хрватска ќе значи и неиграње во полуфиналето, заедно со Зобнин, Газински, Смолов и Кутепов. Оваа листа е долга и во таборот на Хрватите, ја сочуваат Ракитиќ, Врсаљко, Брозовиќ, Чорлука, Ребиќ, Манџукиќ, Једвај и Пјаца.

Се вчитува...