Жоргињо пред нецели два месеци стана евроски клупски првак со Челси, а италијанскиот репрезентативец со бразилски корени сега има шанса да стигне и до репрезентативна европска круна, доколку со „аѕурите“ ја совлада Англија во утрешното големо финале на „Вембли“.
Жоргињо е главен организатор на играта на италијанскиот национален тим, а најзаслужна што тој воопшто почнал да се занимава со фудбал е неговата мајка. Марија Тереза Фреитас и самата била фудбалерка кога Жоргињо бил мало дете, па токму таа му помогнала да ги направи првите чекори во овој спорт.
„Мајка ми ме научи како да играм фудбал. Ќе ме однесеше на плажа и ќе трениравме со часови, само за да се усовршам што повеќе на технички план. Тоа беше тежок период, во женскиот фудбал речиси и да немаше пари, па таа мораше да работи и како чистачка, само за да ми обезбеди нормални услови за живот и да ми купи копачки кога почнував да тренирам во локалниот тим Брускао“, открива Жоргињо.
Патот до успехот беше исклучително тежок, тој стана дел од проектот Гуабируба кој овозможува трансфери на талентирани бразилски играчи во Европа. Кога првпат се пресели во Италија, агентот заработи дури 27.000 евра од тој трансфер, а платата на Жоргињо изнесуваше очајни 20 евра неделно, недоволни за да се преживаа.
„Тоа беше пекол, во кој живев речиси година и половина. Сакав да се откажам и да се вратам назад во Бразил, но мајка ми ме убеди да продолжам. За среќа, во втората година тренирав со професионалци, се запознав со бразилскиот голман Рафаел Пињеиро, кој од тој момент ми е како брат. Му ја раскажав мојата животна приказна, колку заработувам. Не му се веруваше, најде начин да ми помогне и од тој момент мојот живот тргна на подобро“, вели „мозокот“ на италијанската фудбалска репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА