ЖРК Чаир ќе го предизвика ЖРК Ѓорче Петров во финалето на Купот на Македонија

Ракометарките на Чаир успеаја да стигнат до своето прво финале во националниот Куп на Македонија откако денеска на Ф4 турнирот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје во второто полуфинале славеа над ЖРК Вардар со 28-32.

Натпреварот почна израмнето и до резултат 5-5 се играше гол за гол. Во следниот период ЖРК Чаир за првпат се одвои и со серија од 5-0, стигна до највисоките до тој момент плус пет 5-10. Вардарки одиграа одлично во последната третина од првото полувреме, па на пауза заминаа со негатива од само еден гол 13-14.

На стартот на вториот дел чаирчанки брзо стигнаа до плус три 17-20, а на шест минути до крајот за првпат стигнаа и до највисоките плус шест 23-29. До крајот само рутински го приведоа мечот за конечни 28-32. Љеонора Рахмани со осум гола беше прво име кај победникот, додека кај поразените Василева постигна седум гола.  Таму за противник ќе го имаат старо-новиот шампион на Македонија, ЖРК Ѓорче Петров кој вчера во првото полуфинале славеше над Куманово со 31-14.

 

Се вчитува...