Ракометарките на ЖРК Ѓорче Петров се блиску до елиминација од Купот на ЕХФ откако го загуби првиот дуел од двомечот со Елче со 19-16. Двата клуба постигнаа договор двомечот да се игра во Скопје, тоа требаше да им даде предност на македонските ракометарки во овие пресметки, но гостинките од Шпанија сепак подобро се снајдоа и славеа во пресрет на утрешниот реванш, што ќе се игра во 12 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Самиот резултат кажува, цврстите одбрани на двете страни беа заштитен знак на двата тима на денешниот прв натпревар. Елче сепак успеа да го контролира резултатот, на одмор имаше водство од 7-9, а македонскиот тим заигра подобро и успеа за момент и да поведе (14-13). Сепак, Елче беше тимот што го контролираше резултатот до самиот крај, Ѓорче Петров пропушти шанса при „минус два“ во последната минута да стигне до минимален пораз, по што Шпанките со гол во самиот финиш стигнаа до конечните 19-16.
Исиќ со четири и Ризоска со три погодоци беа најефикасни во таборот на Ѓорче Петров, па повеќе од јасно е дека македонскиот тим ќе мора да одигра далеку подобро во нападот на утрешниот реванш ако сака да приреди изненадување и да се пласира во следната фаза од Купот на ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

