Ракометарките на Металург денеска (16.30 ч.) во салата во Автокоманда ќе го одиграат првиот натпревар од двомечот со францускиот Иси Париз во 1.коло од Купот на ЕХФ.
Французинките ќе бидат гостинки во Автокоманда и на вториот натпревар што ќе се одигра в недела во истиот термин. За да се намалат трошоците, управата на Металург се договори со Иси Париз двата натпревари да се одиграат во Скопје.
Според составот и искуството, францускиот тим ја има фаворитската улога во овој дуел. За младиот состав на Металург пак, ова ќе биде добра проверка и шанса да се добие драгоцено искуство.
Во составот на Металург летово дојдоа пет нови ракометарки – Стефани Софтовска и Леонида Гичевска од Вардар, Теодора Гулицоска и Ангела Кукунешевска од Струга и Тамара Темелковска од екипата на Кичево. Во првиот тим се приклучија и две ракометарки од младинскиот погон на Металург – Мила георгиевска и Михаела Стојановска.
Влезот во салата во Автокоманда е слободен и за двата натпревари на ЖРК Металург и Иси Париз во ЕХФ Купот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА