Ракометарките на Металург вчера во Автокоманда го имаа првиот собир со кој беше означен стартот на подготовките за новата сезона. Тимот од Автокоманда влегува со големи амбиции во новата сезона, со цел да го врати приматот во македонскиот женски ракомет.
Распадот на шампионскиот тим на Вардар отвора нова шанса за ЖРК Металург да се врати на пиедесталот и да атакува на двојната круна. Тимот предводен од Јулијана Црвенкоска и Крсто Петрушевски го сочува комплетниот состав од претходната сезона и донесе неколку нови засилувања.
Од Вардар во Металург се преселија бековите Леонида Гичевска и Стефани Софтовска. Две нови ракометарки во Автокоманда доаѓаат од РК Струга – Ангела Кукунешевска и Теодора Гулицоска, а ново име во составот е и левиот бек од Кичево, Тамара Темелковска.
По паузата поради повреда, во првиот состав на ЖРК Металург се враќа левиот бек Мери Арсениевска. Од подмладокот во првиот тим се приклучуваат Мила Георгиевска и Михаела Стојановска.
Подготовките на ЖРК Металург ќе се одвиваат во салата Автокоманда во Скопје. Пред стартот на новата сезона планирани се и неколку пријателски натпревари со екипите на Вардар, ЦЕМС и Спартак Аеродром, а постои можност ракометарките на Металург да имаат и мини-турнеја во Србија.
Освен домашните натпреварувања во Супер лигата и во Купот на Македонија, ЖРК Металург ќе настапи и во првото квалификациско коло во ЕХФ Купот каде за противник ја има француската екипа Иси Париз. Екипите се договорија и двата натпреври од оваа фаза во ЕХФ Купот да ги одиграат во Скопје на 8 и на 9 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА