ЖРК Вардар шампион на Македонија во кадетска конкуренција

Екипата на ЖРК Вардар се закити со трофејот во кадетската женска ракометна лига на Македонија, за натпреварувачката сезона 2024/25. „Вардарки“ покажаа целосна доминација на фајналфор турнирот од кадетската лига, денеска за противник во големото финале ја имаа екипата на Стружанка, славејќи лесно со убедливи 32-17.

Титулата е апсолутно заслужена ако се знае дека „црвено-црните“ не знаеја за пораз во текот на целата сезона, а посериозен предизвик отколку во финалето имаа во полуфиналниот дуел од овој фајналфор турнир, кога го совладаа составот на Пелистер со 26-20.

Победата во финалето беше осигурана уште во првото полувреме што ЖРК Вардар го доби со убедливи 16-4, по што преостанатите 30 минути беа само рутина за избраничките на Даниела Вељаноска.

За МВП на овој фајналфор турнир беше избрана Мила Ристовска од редовите на шампионот ЖРК Вардар.

Се вчитува...