Зидан „дивееше“ на прес-конференција: Ако сакате да си одам, кажете ми го тоа во лице!

Да си тренер на Реал Мадрид воопшто не е лесно, а тоа на своја кожа повторно го искуси Зинедин Зидан, бидејќи покрај гламурот кој со себе го носи „кралскиот клуб“, има и темна страна. На „Сантијаго Бернабеу“ не се опростува пад во формата, а Реал Мадрид на последните пет дуели во сите натпреварувања има забележано само една победа.

Притоа, гордоста на Мадрид во „Копа дел Реј“ беше запрен од третолигашот Алкојана, па на прес-конференцијата на францускиот стратег пред мечот против Хуеска повторно се отвори прашањето за иднината на Зидан на клупата на „кралевите“, по којзнае кој пат. За разлика минатото, притисокот овој пат го стигна 48-годишникот, кој реагираше на несвојствен начин.

„Воопшто не ми е мило кога ме „испрашуваат“ по секој лош натпревар. Не го заслужувам овој третман од новинарите. Го освоивме првенството претходната година, очекувам малку почит. Доколку не успееме да ја одбраниме титулата, прв ќе снесам одговорност. Малку сум лут, бев две недели затворен во кавез, сакам да излезам и да покажам дека ќе се борам до крај“ – луто одговори Зидан.

Потсетувањето на тоа кој е актуелен шампион даде повод еден шпански новинар да го запраша Зидан дали на тој начин сака да се оправда за слабите резултати во сезоната…

„Дали ти тоа озбилно мислиш? Секој ден јас сум „отпуштен“. Минатата сезона лигата ја освоиме ние, Реал Мадрид. Имаме право да се бориме за неа и оваа сезона. Следната година ќе мораме да менуваме некои работи, нешто да промениме, но оваа година? Пуштете не да се бориме, ние кои ја освоиме титулата претходната година, не пред десет години. Сакам само малку почит. Вие велите многу работи, а ние мора да ги толкуваме. На крајот, тоа е и ваша работа, но вистина е дека еден ден сум сменет, друг сум тука, а потоа ремизираме или губиме меч и поторно сум „поранешен“. Мора во лице да ми кажете што сакате. Ако сакате да ме смените, кажете ми го тоа во лице, а не зад грб. Вие ја работите вашата работа и јас тоа го почитувам, но и јас имам моја работа. Само сакам почит“ – додаде Французинот.

Градскиот ривал Атлетико има десет бода предност и натпревар помалку во однос на Реал, но како што вели Зидан, има уште многу да се игра…

„Им верувам на своите фудбалери. Играме во две натпреварувања, а уште 54 бода се во игра до крајот на првенството. Имаме уште шест натпревари пред дуелите во ЛШ. Ќе се бориме во двете првенства“ – заврши популарниот „Зизу“

 

Се вчитува...