Зинедин Зидан продолжува со својата навика да им даде одмор на своите најдобри фудбалери на гостувањата во Примера дивизион, за одморени да го дочекаат финишот на сезоната и клучните натпревари од Лигата на шампионите.
Така, Реал Мадрид вечерва гостува во Малага, меч на кој Зидан ниту на клупата ќе ги нема Кристијано Роналдо и Герет Бејл, како и Лука Модриќ и Рафаел Варан. Овие четворица првотимци не се најдоа ниту на списокот на патници за Малага, каде предводник е капитенот Серхио Рамос, одморен откако поради суспензија го пропушти реваншот од ЛШ против Јувентус.
Кога во тимот го нема Варан, како и повредениот Начо, друштво на Рамос во одбраната ќе му прави Валјехо, нападот ќе биде предводен од Бензема помогнат од Асенсио, додека во средниот ред се најавува дека шанса ќе добие Себалјос.
Реал Мадрид од поодамна ја загуби трката за титулата во шпанското првенство, па јасно е дека Зидан со право им дава заслужен одмор на клучните играчи кога приоритет за сезонава остана одбраната на трофејот во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА