Европскиот и светски клупски првак Реал Мадрид тргнува во реновирање на својата навална линија. Тренерот Зинедин Зидан и претседателот Флорентино Перез биле на заедничка вечера во Абу Даби, каде „кралевите“ играат на Светското клупско првенство, а главна тема на разговорот бил Еден Азар. Ѕвездата на Челси одамна е на листата на желби на Флорентино Перез, а, според информациите од Шпанија, Зинедин Зидан ја дал својата согласност за Белгиецот на лето да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“.
За тоа ќе бидат потребни огромни финансиски средства, но најверојатно ќе следи продажбата на Карим Бензема, кој игра во очајна форма оваа сезона, а можеби и на Герет Бејл, кој се почесто е повреден и не дава полн придонес во тимот на „кралевите“.
Еден Азар исто така отворено му се понуди на Реал Мадрид, со изјавата дека максимално го респектира и сака да работи со Зинедин Зидан.
„Сите знаат дека имам неверојатна почит кон Зинедин Зидан како играч, но исто така и како тренер. Тој беше мојот идол. Не знам што ќе се случува во иднина, но за мене, да играм под раководство на Зидан, ќе биде исполнување на сонот“, изјави Азар за белгиските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА