Зидан или Конте – кој ќе го наследи Мурињо на „Олд трафорд“?

Манчестер јунајтед реши да ја прекине соработката со Жозе Мурињо во обид да биде ставен крај на големата резултатска криза, со која „црвените ѓаволи“ на помалку од половина од сезоната веќе заостануваат 19 бoда зад Ливерпул на премиерлигашката табела. Еден проблем е решен, но сега следи сериозен предизвик за управата на „црвените ѓаволи“, да биде именуван нов стратег кој ќе успее да го врати Јунајтед на победнички патеки. Опции за долгорочно решение во моментов има две, Зинедин Зидан и Антонио Конте, врвни стратези со кои „ѓаволите“ ќе разговараат во наредниот период, пред да ја донесат конечната одлука, кому да му го доделат кормилото на овој гигант за наредната сезона.

И францускиот и италијанскиот стручњак моментно се без ангажман, со тоа што Конте има договор со Челси до крајот на сезонава по добиениот отказ минатото лето. Сепак, „ѓаволите“ јасно ставија до знаење дека за наредните месеци е планиран привремен тренер, додека врвно тренерско име ќе биде донесено за новата сезона, кога се очекува да биде обезбеден и богат буџет за засилувања. Како опција во изминатите триесетина дена се споменуваше и Маурицио Покетино, но Аргентинецот нема намера да си замине од Тотенхем. Дури и доколку тоа на крајот на сезоната се случи, Покетино не би ги изневерил „спарси“ со заминување во друг премиерлигаш, туку за наредна дестинација би го избрал Реал Мадрид.

Во меѓувреме, како можно привремено решение до крајот на сезонава се споменува поранешниот англиски селектор Сем Алардајс, потоа екс-голгетерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, како и уште една клупска легенда, Рајан Гигс.

Се вчитува...