Легендарниот француски фудбалер и поранешен тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, вели дека водењето на француската репрезентација е негов сон и дека со нетрпение ја очекува можноста да ја преземе таа позиција, објави „Л’Екип“.
„Чувствувам дека имам легитимитет кога станува збор за француската репрезентација, за која играв и поминав практично 12, 13, 14 години како играч. Секако дека тоа е мој сон, едвај чекам“ – рече Зидан за време на настанот организиран од неговиот спонзор Адидас.
Актуелниот селектор на Франција, Дидие Дешамп, претходно објави дека нема да го продолжи договорот по завршувањето на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Зидан (52), икона на францускиот фудбал и спорт, со години се смета за главен кандидат да го наследи Дешамп. Од крајот на неговиот втор мандат на клупата на Реал Мадрид во 2021 година, Зидан немал тренерски ангажман.
Во 2022 година, во интервју за „Л’Екип“, тој изјави:
„Приказната не е завршена со француската репрезентација. Секако дека ја сакам таа улога. Се надевам дека еден ден ќе бидам тренер. Сакам да го завршам моето патување со ‘триколорите’“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

