Зинедин Зидан на денешната прес-конференција ја потврди својата одлука за заминување од клупата на Реал Мадрид, само неколку дена по освојувањето на третата европска круна.
„Донесов одлука да не продолжам со работата како шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид. Знам дека моментот можеби е чуден, но на овој тим му е потребна промена за да продолжи да победува. Му треба поинаков пристап, поинаква методологија и затоа ја донесов оваа одлука. Секако, можеби ќе се видиме подоцна. Реал ми даде се, јас ќе бидам тука, близу до клубот до крајот на животот. Знам дека за многумина оваа одлука ќе нема смисла, но јас длабоко во себе знам дека сега е вистинскиот момент за промена“ – истакна Зидан.
Претседателот Флорентино Перез му се заблагодари на Зидан за сработеното, откривајќи дека и самиот бил шокиран од ваквата одлука на тренерот на „кралскиот клуб“.
„По освоениот пехар во ЛШ оваа одлука е сосема неочекувана, но мораме да ја почитуваме максимално. Бев шокиран кога ми беше соопштено, би сакал да сум во можност даго убедам во спротивното, но добро го познавам Зидан и знам дека ќе остане на својот став. Сакам јавно да му се заблагодарам за својата лојалност и страста што ја покажа, за сето она што го направи за нашиот клуб. Не се сомневам дека еден ден ќе се врати во Мадрид, но ако навистина му е неопходен одмор, можам да кажам дека целосно го заслужува“ – изјави Перез на денешната прес-конференција.
Француските медиуми најавуваат дека Зидан ќе одмори само неколку месеци, бидејќи веќе е договорено тој по завршувањето на СП 2018 да седне на клупата на францускиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА