Зидан по мечот: Мојот гол беше поубав од овој на Роналдо!

Синоќешниот гол со ножички на Кристијано Роналдо во победата на Реал Мадрид од 0-3 на гостувањето против Јувентус според многумина е најубавиот во Лигата на шампионите на сите времиња. Но, еден од оние кои мислат така не е и тренерот на Реал, Зинедин Зидан.

По синоќешниот меч Зидан беше запрашан кој гол е поубав – оној неговиот против Баер Леверкузен или овој на Роналдо…

„Ох, мојот. Дефинитивно мојот“ – порача Зидан низ насмевка, за да веднаш се насочи кон самиот натпревар…

„Не е лесно да се постигнат три гола на гости против Јувентус. Одигравме одличен меч, но Јуве исто така игра добро. Создаваа шанси, но ние бевме поконкретни. Секако дека Јувентус не е среќен со еден ваков резултат. Може да кажам дека Јувентус засекогаш ќе биде во моето срце“.

А, што се однесува до Роналдо…

„Кристијано е поинаков од другите. Тој е сосема поразличен фудбалер од сите останати. Секогаш има желба да направи нешто неверојатно, посебно во Лигата на шампионите. Никогаш не се одмара од своите цели. Тој негов гол е навистина неверојатен, но промаши и две одлични шанси. Тоа е фудбалот“ – вели Зидан.

Се вчитува...