Зидан по ремито: Ме фрустрира само резултатот

Зинедин Зидан се надеваше на победничко славје на првиот домашен натпревар како селектор на Франција, но „триколорите“ неочекувано одиграа само 1-1 против репрезентацијата на Италија.

„Задоволен сум од играта, од она што го покажавме, дефинитивно мислам дека заслуживме многу повеќе со она што го одигравме на теренот. Имавме убави шанси да постигнеме втор гол, не успеавме, но и такви работи се случуваат во фудбалот. Горд сум на фудбалерите, на начинот на кој излеговме на терен во второто полувреме, подобро се снаоѓавме во мал простор. Му создадовме многу проблеми на противникот, за жал не победивме, затоа велам дека ме фрустрира само резултатот, задоволен сум од се останато“, изјави Зидан.

Французите примија гол по едно погрешно додавање на Рабио и загубена топката на сопствената половина, по која Бастони успеа да ја затресе нивната мрежа.

„Фудбалот е спорт во кој се обидувате да направите што помалку грешки. Нема да говорам кој згреши, кога ќе се направи грешка, сите сме одговорни… Поважно ми е да ја гледам пошироката слика од целиот натпревар, а со тоа можам да бидам задоволен“, прокоментира легендарниот Зизу.

Франција постигна само три гола на првите три меча со Зидан како селектор, но тој не е премногу загрижен од овој податок.

„Создадовме многу шанси, но Донарума бранеше навистина добро. Знам дека ќе бидеме многу подобри како што ќе одминува времето, жалам единствено што наскоро ќе прекинеме со работа, штотуку фаќаме ритам, но разбирам дека ова не е клуб“, истакна Зинедин Зидан.

Се вчитува...