Зинедин Зидан изрази задоволство од новиот трофеј во својата богата колекција, но францускиот стратег исто така и искажа благодарност за пријатните два дена минати во нашата земја.
„Имавме пријатни мигови во Македонија. Прекрасен стадион, луѓето беа многу љубезни домаќини. Реал Мадрид е благодарен за тоа. Што се однесува до мечот, мислам дека одигравме добар натпревар, секое финале е тешко и се добива само ако го надиграш противникот. Среќни сме за трофејот и сега продолжуваме да се подготвуваме за следните искушенија“ – истакна Зидан.
Тренерот на Реал откри и дека планот за Роналдо отсекогаш бил Португалецот да одигра само десетина минути во Скопје, а Зизу имаше посебни пофални зборови за Иско.
„Кристијано беше со нас само три дена, преризично беше да има позначајна улога денеска. Се договоривме да влезе пред самиот крај. Добро е што одигра десетина минути, в недела против Барса ќе има поголема минутажа. Она што ме импресионира е Иско, кој постигна прекрасен погодок и играше одлично цел натпревар. Тој од меч во меч е се подобар, секако дека сум радосен поради тоа“ – прокоментира стратегот на „кралскиот клуб“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА