Хамес Родригез ги брои последните месеци како член на Реал Мадрид откако и Зинедин Зидан се откажал од желбата да го извлече најдоброто од колумбискиот ас. Хамес игра далеку од посакуваната форма, голем дел од натпреварите ги почна на клупата за резерви, а на оние на кои добиваше шанса најчесто прикажуваше разочарувачки игри, па беше повлекуван од игра. Зидан извесно време се „бореше“ со Флорентино Перез, верувајќи дека ќе може да го извлече максимумот од играчот кој беше брилијантен при настапите за Порто и за Монако. Сепак, откако му стана јасно дека тоа нема да биде возможно, Зидан самиот побарал од клупската управа што поскоро да ја договори продажбата на овој фудбалер, за кого Реал очекува да добие околу 60 милиони евра.
Шпанските медиуми најавуваат дека „кралевите“ ќе се обидат да го доведат Еден Азар, користејќи го Хамес како „мамец“ во преговорите со Челси. Доколку лондонскиот клуб не прифати ваква опција, Реал ќе настојува на продажба до крајот на јуни, за потоа да ги има парите на располагање и доволно време за да доведе нова фудбалска мегаѕвезда на „Сантијаго Бернабеу“.
Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливерпул, Интер и Јувентус делуваат најзагреано за услугите на колумбискиот офанзивец, кој и самиот инсистира што поскоро да бидат разрешени дилемите околу неговата иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА