Реал Мадрид е во потрага по нов тренер откако Зинедин Зидан го напушти кормилото на „Кралевите“ по втор пат во последните неколку години.
Заминувањето на Зидан на крајот од сезоната се шпекулира веќе некое време, но последната потврда пристигна минатата недела без попрецизно објаснување. Антонио Конте, Маурисио Покетино и Раул Гонзалес се тренери меѓу кои се бара наследникот на човекот кој на „Лос Бланкос“ им донесе три последователни трофеи во Лигата на шампиони.
Во писмото објавено ексклузивно од мадридски „АС“, Зидан ги објасни причините за новата разделба. Некои детали се шокантни бидејќи тој е критички настроен кон кралскиот клуб и Флорентино Перез.
“Заминувам затоа што чувствувам дека клубот повеќе не ми верува. Не ме поддржува да направам нешто на среден или долг рок. Тука се забораваат сите најважни работи. Се што градев на дневна основа е заборавено. Човечките односи се основа, тие се поважни од парите, од славата. Секако дека не сум најдобриот тренер на светот, но јас сум во состојба да им дадам на сите сила и самодоверба што ја заслужуваат во својата работа, без разлика дали тој е играч или мој асистент. Би сакал мојот однос со претседателот и клубот да беше малку поразличен во изминатите месеци. Не сакав привилегии, но да не го заборави минатото. Денес, животот на тренерот се сведува на две сезони и ништо повеќе“, рече Зидан.
На крајот, Французинот се обратил и до медиумите велејќи дека му е жал што фудбалот најмалку се зборувал во печатот и дека прашањата биле претежно контроверзни.
“Да не го заборавиме фудбалот, да се грижиме за фудбалот. Драги фудбалери на Мадрид, јас ќе бидам еден од вас засекогаш”, напиша Зидан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА