Зидан сега сака во Јувентус, клупата на Алегри се тресе

Зинедин Зидан во неколку наврати во изминатата година беше поврзуван со Јувентус, но трофејниот стратег ги одбиваше овие понуди како желба истакнувајќи ја преселбата на клупата на француската репрезентација.

Тој се надеваше дека веднаш по СП ќе го наследи Дидие Дешамп, но последните информации говорат дека актуелниот селектор нема намера да си замине, туку напротив – ќе добие нов договор со важност од најмалку две, а најмногу четири години.

Зидан се чувствува изневерено, но и решено што поскоро да се врати на фудбалот, па веќе испратил сигнали дека сака клупски ангажман – и тоа во Јувентус. Клубот во кој ја лансираше својата извонредна играчка кариера според Зизу е идеален и за него како тренер, па лесно може да се случи Французинот уште во текот на оваа сезона да се врати назад во Торино.

Алегри преживеа во моментите на најголема криза на Јувентус, во меѓувреме резултатите се подобрија, но по големиот скандал од клубот си заминаа и луѓето кои го поддржуваа тренерот. Новата управа би требало да биде комплетирана до крајот на годинава, а Зидан се надева дека со тоа ќе дојде и до промена на визијата за клубот, па тој наскоро би можел да го преземе кормилото.

Јувентус е на добар пат трета сезона по ред да остане без титулата во Серија А, така што трофејниот стручњак би имал за цел да отпочне нов циклус за враќање на тронот на италијанскиот фудбал, а потоа и за обид тимот да се приближи до врвот во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...