Зион Вилијамсон ги продолжи феноменалните игри во НБА, рушејќи нови рекорди и водејќи го Њу Орлеанс цврсто кон доигрувањето.
Извонредниот 19-годишник во домашната победа против Кливленд од 116-104 заврши со 24 поени и на тој начин стана првиот тинејџер со низа од 10 меча со најмалку 20 постигнати поени во НБА лигата. Пред него тој рекорд го држеше Кармело Ентони со девет меча.
Ова за него беше само 14-ти натпревар во кариера, а на 12 од нив запиша повеќе од 20 поени.
Изминатава ноќ во НБА лигата донесе многу возбудувања. Најубедлива победа славеше Милвоки кој со 47 поени разлика ја разби Оклахома, победувајќи со 133-86. Јанис Адетокумбо беше најефикасен со 32 поен, а дополни и 13 скока.
Гостински победи синоќа запиша Детроит кој со 111-113 славеше против Феникс. Дерик Роуз го водеше Детроит до победата со својот рекорд сезонава од 31 поен, додека по 19 поени дополнија Вуд и Думбоја.
Јута предводена од Мичел со 30 поени и Бојан Богдановиќ со 21 поен славеше со 129-119 против Вашингтон, а ЛА Клиперс на свој паркет без поголеми проблеми го победија Денвер со 132-103. Во победничкиот тим најефикасен беше Пол Џорџ со 24 поени, додека кај Денвер, Никола Јокиќ запиша 21 поен.
Џими Батлер со 26 поени го водеше Мајами до победа над Далас од 126-118. Кај Далас одличен беше Кари со 37 поени, додека Лука Дончиќ имаше „дабл-дабл“ од 23 поени и 10 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА